Борбата за права на жените е и машка борба

0

Имам 21 година. Јас сум маж, белец, стрејт и живеам во патријархално општество. Ги имам сите бенефиции но не ги уживам. Не сакам мојот пол, сексуална определба или боја на кожа да ми бидат предност. Ниту пак сакам да бидам нешто подолу од другите во однос на правата заради истите.

Пред повеќе од година дена, нашата влада, во име на здравјето на жените, го оневозможи абортусот. Се грижиме за нивното здравје, велеа, се грижиме за наталитетот. Маж сум ама ќе кажам, фала ви ама немојте. Не можам  повеќе да читам за вести како некој жена со денови носи мртов плод во утробата заради вашата грижа за нејзиното здравје. Не се криви докторите, не ги обвинувам нив. Прават се што можам, нормално, во согласност со вашиот ептен грижлив закон и остават мртов плод во нечија утроба. Разбирам дека мораат да чекаат некој таму во министерство за здравство, седнат во некоја канцеларија,  да го стави својот потпис за конечно таа жена да биди медицински згрижена како што треба. Каде е грижата тука? Ајде, можеби жената во таков случај нема да има никаков проблем и ќе можи уште еднаш да има деца ама што прави со психолошката штета од сознанието дека носела мртов плод во себе со денови зашто некој таму министер сметал дека има право врз нечие тело?

Можеби некој ќе речи “маж си, немаш матка и затоа немаш право да зборуваш за ова”. Да – ќе одговорам – немам матка ама мојата сакана има. Мојата другарка има, мојата колешка.. За нив го пишувам ова. Како што јас сакам да имам право над сопственото тело, сакам и тие да имаат над нивното. Каде е логиката ако е обратно, ако сакам да имам права а да не дозволувам другите да ги уживаат истите права?

Лицемерие се вика тоа, драги министри и законопишувачи.

Помина законот, го изгласавте, уставниот суд рече дека насилното влегување во нечија матка е уставно.

Деновиве се открија неколку спорни дефиниции во учебници за основно образование. Се прашувам, колку ли само ве малтретирале, какво е тоа психичко насилство што ви се случило па денес ви доаѓа да правите вакви работи?

Ќе цитирам еден дел од учебник: Исфлувањето на семето во родилниот канал на женската единка се вика ејакулација.

Откако насилно влеговте во женската матка, сега се поставивте и како газди на мојот пенис, моето семе и повторно над нејзината матка. Ми кажувате како да живеам, кого да љубам, како да имам секс, ги сменивте правилата за контрацепција… Се во име на моето и нејзиното здравје, и наталитетот секако.

Сте се запрашале ли дали имате право? Не верувам.

Немате право! Немате никаков право да одлучувате за моето семе, за мојот пенис, за нејзината матка, општо за нашите тела! Дали прашавте дали сакаме да се грижите за нас? Дали се прашавте дали младите на моја возраст се спремни да бидат родители, или уште подобро прашање, дали имаат можност да бидат родители? Дали можат лесно да најдат работа? Видете, еден ден ќе бидам родител ама не додека не бидам финансиски спремен и надвор од оваа држава. Нема да бидам родител во земја каде владата се става како сопственик над моето тело и ги учи на фашистички дефиниции.

Мажи, време е да кажиме доста. Ова е и наша борба! Ова е борба за слободата и правото на сопственост над своето тело на жените и мажите. Законот за абортус не е само женски проблем. Дефинициите за ејакулација не се само женски проблем. Сменетите правила за контрацепија, не се само женски проблем. Сите овие работи се и машки проблеми.  Не погодуваат и нас, на овој или на оној начин.

Што е следно, ќе забраните кондоми или ќе вработите некого за да ги дупи со игла?

П.С. овој повик кон мажите за борба за женските права, не е дека жените се слаби да се изборат сами. Ова е зато што законот не опфаќа сите, и мажи и жени, директно или индиректно. Верувам дека не постои маж што би останал рамнодушен кон ваквите фашистички закони ако неговата сакана е директно погодена од ваков закон.

Зошто Партијата повторно ќе победи?

4

За 3 и пол недели се  пред времените парламентарни избори. Досега, од нивното распишување, се воздржував од било какви коментари и мои мислења. Луѓето до кои ќе стигни овој текст, барем повеќето верувам дека ја знаат играта што се одигра и верувам дека очекуваја да се случат избори на почетокот на 2014та.

Без разлика на тоа какви анкети се објавуваат,  кој колку луѓе има на митинзи и кој какви програми има, верувам дека Партијата повторно ќе победи на изборите. Колку пратеници би освоиле не знам, не можам ни да нагаѓам но знам дека ке ја формираат следната влада.

Еве зошто.

1. People don’t give a fuck about rights. Или во превод, луѓето во Македонија ги боли пенисот за правата. Луѓето не го перцепираат законот за абортус, забараната за продажба на пиво после 7, законот за медиуми, законот за  одговорност од клевети и навреди и уште еден куп такви закони за нарушување на нивните права и слободи.

2. Во Македонија сеуште се живее добро. Или во превод не доцнат плати во државниот доминантен сектор, не доцнат пензии и се исплаќаат субвенции. Голем дел од населението добива редовно пари па ќе си гласа за Партијата пошо Партијата дава на разни категории на граѓани.

Партијата од 2006 па наваму водат една, за нив, паметна политика. Направија што е можно повеќе категории на граѓани да се зависни од држвата. Партијата ги освојува симпатиите кај луѓето на три начини:

Првата и најпозната е национализмот. Од 2006 до сега се претставуваат како патриоти кои секогаш ке го чуваат Македонското и Македонија, дека име нема да сменат и секогаш ќе постои Македонија за инает на сите грци, бугари, четници, усташи, учку мучки и слично… Колку и да ви звучам чудно, сметам дека Партијата освојува многу мал процент на гласови со ова како примарна причина зошто луѓето гласаат за нив.

Вториот начин за освојување гласови, Партијата го прави со вработување во државните фирми. Администрацијата, која според Европската унија треба да брои окулу 80-90 000 вработени, денес, се претпоставува дека е окулу 200 илјади. Вработија и превработија многу луѓе во администрација и државните фирми со што си обезбедија многу гласови.  Партијата дури не ни мора да се заканува со бркање од работа ако некој од административците не гласа за нив. Секој барем малку нормален од тие што се вработиле преку Партијата знае дека ако победат другите, тој ќе лета од работа и зато ќе си гласа за нив. Чиста сметка долга љубов.

Истото се случува и во државните претпријатија. Јавна тајна е дека таму превработеноста е сериозен проблем и дека тоа е најголемата причина за долговите на тие фирми. Партијата тоа го знае но не претставува проблем за нив. Многу добар пример за ова се Македонски шуми и лотаријата со работни места. Откако се направи убав циркус и се вработија 1600 луѓе по (не)случаен избор, Партијата реши да опрости 40 милиони евра долг на претпријатието кон државата.

Третиот начин а можи и најефикасниот е тоа што Партијата водеше политика со која направи луѓето да мислат дека тоа што го имаат го должат на Партијата. Тоа го напраја успешно со зголемување на пензиите, исплаќање субвенции, зголемување социјална помош, бенефиции за пензионерите и слично. Партијата успеа да му наметни мислење на земјоделците дека субвенциите што ги земаат се  од џебот на Партијата и таа е хумана а не од џебот на граѓаните, Успеа истото да го наметни и кај пензионерите и кај социјалците.

Од каде Партијата наоѓаше толку пари за да стави под “своја” капа многу категории на граѓани?

Кредити. Партијата, во овие 8 години на владеење успешно ги задолжи граѓаните за многу многу евра.  Утрово на порталот емагазин.мк кој користи податоци од весникот Вест, прочитав дека бруто надворешниот долг на Македонија во 2006та изнесувал 2,2 милијарди евра а во 2013 е  5,1 милијарди евра.

Партијата сеуште има можност од каде да ги задолжува граѓаните  и затоа сеуште се живее добро, барем за поголемиот дел од граѓаните.  Нема доцнење на плати во државниот сектор, нема доцнење на пензии, нема доцнење на субвенции, нема доцнење на додатоци за трето и четврто дете и куп други видови на социјална помош. Сеуште нема доцнење. Ова се категориите што го формираат мнозинството.

Факт е дека народот во Македонија е политички и економски необразован. Народот не знае со какви валкани финти се служи партијата за да се збогатуваат нејзините членови. Партијата успеа во пропагандата и ги научи граѓаните да се тивки, мирни и да не гледаат што прави врвот на Партијата. Народот не знае дека сета оваа “хуманост ” на Партијата со сите тие зголемувања на плати, пензии и субвенции за скоро време ќе му се удри од глава и ќе дојди време на големо штедење на сите страни. Народот не знае дека во овие 8 години партијата му скрати многу права и слободи.

Заради незнаењето на народот и знаењето на Партијата да го искористи тоа, победата им е сигурна. Нив им е сигурна победата, нас ни е несигурна иднината.

Немаме простор за револуција.

0

Дали треба незадоволството од политичките елити и нивното богатење да го искажеме на улица со кршење на владините згради кои се во наша, граѓанска, сопственост или треба да се бориме за револуција во главите и народот сам да почни да размислува и да ги согледува грешките на политичките елити па да ги казнува?

Двата избори се еднакво тешки, посебно во општество како Македонија, каде голем дел од граѓаните растеле и се образовале во Југославија и нивниот мајндсет е таков што сметаат дека државата е таа која знае што е најдобро за нив. Тие сметаат дека државата е во право дури и тогаш кога носи закони на нивна штета. Како да се допри до тие луѓе? Како да им се објасни дека  државата е неефикасен потрошувач на нивните пари и таа ги крши нивните индивидуални права и слободи?

Во општество како Македонија, со образовен систем кој не дозволува туку напротив, ја уништува сета креативност за нешто ново, многу е тешко да се презентира некоја нова идеја, надвор од таа СДСМ/ВМРО реалност. Од општество, осиромашено од минатиот социјалистички систем, преку криминалната транзиција во деведесеттите која се случува и денес, стигнавме до едно црно бело општество. Има два правци преку кои можеш да егзистираш: Да заминиш надвор од државата и да работиш или да наведниш глава и да влезиш во некоја партија па да чекаш вработување во некоја државна фирма.

Зошто е тешка револуцијата во глава во Македонија?

Еве еден пример: тие што ке избегат од вакво општество што е на чекор на национал-социјалистичко, и ке отидат во некоја капиталистичка земја, ке работат таму, па ке се вратат тука и ке кажат колку е убав животот таму. Како тоа капитализмот во тие западните земји е добар ама капитализмот во Македонија е лош? Прво, зато што тука, скоро сите сме задоени со омраза кон оној што е побогат и посупешен од нас, дел од нас се такви затоа што растеле и се образовале во Југославија а другиот дел затоа што така биле воспитани од нашите родители и второ, затоа што во Македонија немаме капитализам и слободен пазар. Во Македонија имаме грабализам, што би рекла баба ми. Имаме една политичка елита што цело време, се повеќе и повеќе се збогатува. Легално додуша, преку тендери. Погледнете ги сите тие пофалби на двете партии за тоа кој какви тендери склучил. Се расфрлаат со документи и милионски суми пари на граѓаните. Што ни кажува тоа? Дека секоја партија и секој политичар што ке дојди на власт ке ја злоупотреби моќта и позицијата за легално да се збогати од нашите, граѓански пари и затоа треба да им се одземи моќта на политичарите да ги користат нашите пари и да се мешаат во нашите животи.

Ова е идеја која е различна од политиките на две најголеми партии во државава. Како да им се презентира оваа идеја на луѓе задоени со омраза кон капитализмот во Македонија кој всушност и не е капитализам( за пример: навистина верувате дека никој ама баш никој не би посакал да купи земјиште во центарот на Скопје па мораше да се продава за 71 денар по метар квадратен на фирма што е долги години соработник на актуелната власт? размислете уште еднаш.),  во општество каде медиумите, скоро сите, се  под контрола на власта и каде нема дебата на која може да се презентираат нови и различни идеи?

Ниту еден од политичарите не би се откажал од моќта што ја поседува додека е на функција и не би дозволил некој да шири идеја спротивна од нивните интереси. Ниту ВМРО, ниту СДСМ. Менување на системот од внатре е речиси невозможен кај нас.

Сега некој би рекол, ако немаме начин како да ја промениме оваа власт и да ја замениме со некоја нова и подобра преку избори, тогаш, единствено што ни останува е улица.

За да се излезе на улица треба да се има многу гнев. Кај нас има гнев ама тој не е доволен. Без разлика на тоа што во последно време се палам на палењето во Киев или во Босна, револуцијата на улица скоро и да не носи ништо добро. Има многу жртви и штета на приватна сопственост по улиците. Знам дека ке звучам контрадикторно со либертаријанската мисла и принципот на неагресија но сепак ке кажам: постојат времиња кога револуцијата на улица е единственото нешто што преостанува зашто револуцијата во глава пропаднала и затоа ке ја поддржам секоја револуција на улица, без разлика колку е насилна, чија цел ке биди намалување на моќта на државата и ке донеси ново послободно општество.

Ваквата револуција во Македонија е речиси невозможна. Погледнете ги протестите за Мартин Нешковски колку беа мирни а имаше причина  да им кажеме што значи да го убиваш и лажиш народот што треба да го штитиш. Погледнете го Бристол и споредете го со истата ситуација во Гези паркот. Погледнете ја армијата гладни и невработени што се крстат во партијата и име не менуваат. Ке направат се за партијата без разлика дали таа носи име СДСМ или ВМРО. Погледнете ги политичарите и нивните тендери, станови и автомобили. Погледнете ја армијата административци.

Во Македонија имаме, гладен, бос, изманипулиран и излажан народ без трошка желба за слободна мисла и интелектуална надградба.

Затоа во Македонија нема простор за револуција, ниту во глава, ниту на улица.

Решение? Не знам, тоа ке треба некој попаметен од мене да кажи.

Контакт со авторот:

r.jovanoski@yahoo.com

твитер: @rubinBt