Боговите, сепак се луѓе

0

Има ли некој човек што горе-долу ги следи политичките случувања последните 9 години што мисли дека државниот врв е чист и нема направено никаков криминал? Не верувам дека има таков, дури ни меѓу вмровците. Самите знаат дека врвот не е чист и дека имаат малку подлабок џеб од другите смртници.

Е сега, на кого Заев со бомбите му докажува дека нашите водачи се криминалци? На своите? Тие веќе знаат и без бомбите. На вмровците? Џабе, тие веќе знаат ама сепак нема да гласаат за опозицијата. На неопределените? Можеби нив ама сепак, ова не е доволно да се префрлат на страна на опозицијата. Без разлика на се’, СДСМ има багаж од кој мора да се ослободат и објавувањето бомби (Бар со овие што досега ги објавија), не е доволно да го добие мнозинството на своја страна.

Јас на ова објавување бомби не гледам како на откривање на криминал туку како на демистифицирање на божествата Никола Груевски и Сашо Мијалков. После бомбиве гледаме дека и тие се обични луѓе како нас, без никакви магични моќи. Дури и со разговорите на Латас, Миле, Зоки и Горде, народот разбира дека “вмровската машина” за која сите знаевме дека е цврста и непробојна, всушност, таа само така изгледа а внатре е трула. Со бомбите ни покажува дека и тие се луѓе од крв и месо.

Пред бомбите, народот кон Груевски и Мијалков гледаше како кон богови. Луѓето кон Мијалков гледаја со стравопочит. Беше мит, сенка, ретко се појавуваше во јавност а кога ќе се појавеше носеше многу обезбедување. Беше лидер ама оној тип на лидер на кој сите гледавме како на нешто повеќе од нас, нешто недостижно ама сепак нешто кон кое се’, или треба да се стремиме ние, обичните смртници. После бомбите, сфаќаме дека тој не е ништо повеќе од нас, дека и тој пцуе како нас, изненадувачки, пцуе повеќе од мене. Дека Сашо Мијалков ги прави истите бош муабети со пријателите и соработниците како нас. Пропагандата направи да имаме страв од ликот и делото на урбаната легенда Сашо Мијалков, кој во реалноста, според она што го слушнавме, не е ништо поразличен од нас.

Груевски, за разлика од Мијалков, беше лидер кон кого народот имаше почит ама и љубов. Груевски беше народен човек. Оди по цркви, игра фудбал, се поздравува со народ на митинзи, вози точак на кеј и слично. Груевски беше претставен како човек кој не е ништо повеќе од нас. Зато народот го сакаше и сите мислевме дека всушност Мијалков е оној што ја води целата операција од позадина.

Што се случува после објавувањето на бомбите?

За криминалот сите знаевме ама немавме докази. Сите знаевме ама немавме докази дека новинари биле прислушкувани ама она што не го знаевме е дека стравот што сме го имале кон боговите Никола Груевски и Сашо Мијалков бил тотално неоправдан. Токму тоа е она што Заев го прави со бомбите. Не ги објавува заради криминалот, туку за граѓаните да го победат стравот. Ако ги објавува заради криминалот, тогаш сам знае дека ова нема да успее зашто знае, а и знаеме сите ние кој ги контролира судовите.

Победувањето на стравот и демиситифицирањето на божествата Никола Груевски и Сашо Мијалков навистина успева. После разговорот меѓу Латас и Мијалков, пола град се поздравува со “Началниче”.

80% од разговорите деновиве ми почнуваат со Ало началниче или со тоа на Зоки и Горде: Шу прајш? Можеби сето тоа изгледа како релитивизирање и терање сеир ама како што кажал Орвел: секоја шега е мала револуција.

Можеби вака власта не се менува ама ситуацијата и тоа како се менува. Луѓето прекинуваат да се плашат од властите а тоа е она што е најпотребно во моментов, да се победи стравот, да прекини да постои Републиката на стравот.

Advertisements