Каде е проблемот: До ДПМНЕ или до системот?

0

Веќе подолг период од неколку години, на големо се зборува за злоупотребата на власта. Моето прашање што одма ке го поставам е: колку тоа е злоупотреба а не всушност употреба на системот?

На почеток да напоменам: не планирам да ги амнестирам ДПМНЕ за се што направија, ниту пак дека овој систем, ваков каков што е сега, го наследија. Тоа би било лудо, глупаво и неточно ама ќе биди точно ако кажам дека наследија систем кој им овозможи да го надградат до нивото на кое што сме денес.

Јас сум свесен дека оваа власт, ваква каква што е, ниту може долго да трае а ниту пак ќе трае. Јас сум сигурен во тоа ама не сум сигурен што потоа. Ако после моментот кога овие сегашните наши владетели, ќе се тргнат од престолот, ние го оставиме системот каков што е, ќе направиме само смена на името, смена на фасада. Онака како што сега што прават. Од надвор се ќе биде супер, сме смениле фашистичка влада а од внатре труло. Од надвор демократија и слобода а внатре гнилеж и смрдеа.

Да почнеме од тоа како ДПМНЕ ги контролира своите гласачи, онака како што системот дозволува:

Администрацијата е пренатрупана но не е доволна. Секогаш има место за повеќе а ако нема, ќе се стиснат или подобро, ќе работат од дома. Од каде никнуваат административците? Од штабовите во вашата улица, по прекорака на врховниот штабски командант. Без негов Амин, ќе лепите плакати и ке собирате искуство. Системот во Македонија не ограничува колку луѓе ќе се вработат во администрација што значи дека ако сакаат, ќе вработат и милион луѓе таму (Нормално, ако останавме толку во Македонија). Доказ за ова ви се новите, скоро 10 000 вработувања од кога почнаа да пукаат бомбите на Заев. Сфатија дека е време секој штабски командант да си ги прибере роднините, швалерките и швалерите во државно.

Се сеќавате на лотаријата со работни места во Македонски шуми? треба ли да прашам дали мислите дека случајно беа избрани тие нови вработени? Мислите ли дека случајно на истото тоа претпријатие му ба простени 40 милиони евра долг кон Државата? Да, системто дозволува да се направат толкави долгови и потоа лесно да се простат без некој да одговора како дошло до толкави долгови.
Проектите со кои оваа власт сака најмногу да се фали а се платени од буџетски т.е. народски пари. Постои ли некаде во системот некакво ограничување или кочница за тоа колку ќе се троши? Не би рекол. Доказ за ова е огромното трошење за проектот Скопје 2014. Сметам дека ич не морам да објаснувам како и кој ги добивал тендерите и му било плаќано неколку пати повеќе отколку што била реалната вредност. Исто така сметам дека не морам воопшто ништо да зборувам на оваа тема, веќе доволно се зборуваше за финансискиот и уметничкиот (Би додал и историски) криминал поврзан со Скопје 2014.

Владините реклами се посебна приказна. Се знае кој ги добива и зошто ама колку добиваат? Некој? Никој не знае, а? Барем ја знаете ли потребата? Аха да, да се фали владеачката партија со своите “достигнувања”, со народски пари. Како и претходниот случај, и тука нема потреба да објаснувам како медиумите што “лапаат” владини реклами, возвраќаат со хвалоспеви кон Севишниот Лидер и Власта.

Субвенциите за земјоделците. Води ли некој сметка за тоа колку тие стигаат на вистинското место и дали некој сфаќа дека тие се користат за купување на гласовите на земјоделците? Не и нема потреба да се води.

Конкурс за полициски службеници. Избрани се’ стројни моми и момци. Избрани по критериум физичка издржливост и книшка. Црвена. Со лав на неа. Кому му требаат паметни луѓе што ги познаваат законите кога можеш да го вработиш целиот олош од улица и да му дадеш значка и пиштол? И јас мислам дека некои “џандари” не заслужуваат Гордето да му дава плата од МВР на луѓе што стоеле до Рада на пресови. Стварно нема смисла тоа затоа што МВР е на татко и.

Се сеќавате зошто А1 ја затворија? Нешто со ујп, ти реков ми рече. А за А2 за сеќавате? Е па ќе ве потсетам: моите омилени Република велат: “По точно една година по одземањето на дозволата за работа на телевизијата, и Управниот суд потврди дека Советот за радиодифузија не можел поинаку да постапи освен да и ја одземе дозволата за работа. А2 го прекршила Законот и наместо 65% емитувала 75, 68% програма од забавен општ формат, стои во образложението на пресудата.”

Затворена заради непочитување програмски формат. Законски, онака како што Системот дозволува.

Да не продолжувам да редам за тоа како е доволно една казна од инспекција да затвори еден бизнис, најчесто на некој што зборува повеќе отколку што треба.

Системот дозволува Власта да одлучува што и до кога ќе пиете, дозволува власта да се постави како газда над вашата приватна сопственост, дозволува да се постави како газда за тоа дали во вашиот објект ќе се пуши или не… Дозволува многу работи..

Ако продолжам да ги редам сите работи кои системот ги дозволува а кои ДПМНЕ ги користи за да го контролира општеството, ќе треба да напишам цела книга.

Ако го смениме ДПМНЕ со (Внеси име на било која партија) и сите овие работи ги оставиме вака, нечепнати, што сме смениле? Ништо. Ако ги оставиме вака зашто мислиме дека некоја наредна власт нема да ја злоупотреби моќта што ја нуди државата на тацна, колку сме сигурни во тоа? Не го очекуваме тоа нели? Епа никој не го очекуваше ова што се случи од ДПМНЕ како што никој не ја очекуваше ни Шпанската инквизиција.

Ако го смениме само името на владечката партија без да го смениме системот во тој процес, ништо не сме направиле. Мораме да го ограничиме просторот за злоупотреба. Ако оставиме вака, кој знае дали ќе имаме сила да издржиме уште едно маскирано ДПМНЕ.

И, каде е проблемот, до ДПМНЕ зашто се најголемиот олош што некогаш го имало на планетата Земја или до системот кој нуди огромна моќ?

“Power tends to corrupt, and absolute power corrupts absolutely.” – Lord Acton