Борбата за права на жените е и машка борба

0

Имам 21 година. Јас сум маж, белец, стрејт и живеам во патријархално општество. Ги имам сите бенефиции но не ги уживам. Не сакам мојот пол, сексуална определба или боја на кожа да ми бидат предност. Ниту пак сакам да бидам нешто подолу од другите во однос на правата заради истите.

Пред повеќе од година дена, нашата влада, во име на здравјето на жените, го оневозможи абортусот. Се грижиме за нивното здравје, велеа, се грижиме за наталитетот. Маж сум ама ќе кажам, фала ви ама немојте. Не можам  повеќе да читам за вести како некој жена со денови носи мртов плод во утробата заради вашата грижа за нејзиното здравје. Не се криви докторите, не ги обвинувам нив. Прават се што можам, нормално, во согласност со вашиот ептен грижлив закон и остават мртов плод во нечија утроба. Разбирам дека мораат да чекаат некој таму во министерство за здравство, седнат во некоја канцеларија,  да го стави својот потпис за конечно таа жена да биди медицински згрижена како што треба. Каде е грижата тука? Ајде, можеби жената во таков случај нема да има никаков проблем и ќе можи уште еднаш да има деца ама што прави со психолошката штета од сознанието дека носела мртов плод во себе со денови зашто некој таму министер сметал дека има право врз нечие тело?

Можеби некој ќе речи “маж си, немаш матка и затоа немаш право да зборуваш за ова”. Да – ќе одговорам – немам матка ама мојата сакана има. Мојата другарка има, мојата колешка.. За нив го пишувам ова. Како што јас сакам да имам право над сопственото тело, сакам и тие да имаат над нивното. Каде е логиката ако е обратно, ако сакам да имам права а да не дозволувам другите да ги уживаат истите права?

Лицемерие се вика тоа, драги министри и законопишувачи.

Помина законот, го изгласавте, уставниот суд рече дека насилното влегување во нечија матка е уставно.

Деновиве се открија неколку спорни дефиниции во учебници за основно образование. Се прашувам, колку ли само ве малтретирале, какво е тоа психичко насилство што ви се случило па денес ви доаѓа да правите вакви работи?

Ќе цитирам еден дел од учебник: Исфлувањето на семето во родилниот канал на женската единка се вика ејакулација.

Откако насилно влеговте во женската матка, сега се поставивте и како газди на мојот пенис, моето семе и повторно над нејзината матка. Ми кажувате како да живеам, кого да љубам, како да имам секс, ги сменивте правилата за контрацепција… Се во име на моето и нејзиното здравје, и наталитетот секако.

Сте се запрашале ли дали имате право? Не верувам.

Немате право! Немате никаков право да одлучувате за моето семе, за мојот пенис, за нејзината матка, општо за нашите тела! Дали прашавте дали сакаме да се грижите за нас? Дали се прашавте дали младите на моја возраст се спремни да бидат родители, или уште подобро прашање, дали имаат можност да бидат родители? Дали можат лесно да најдат работа? Видете, еден ден ќе бидам родител ама не додека не бидам финансиски спремен и надвор од оваа држава. Нема да бидам родител во земја каде владата се става како сопственик над моето тело и ги учи на фашистички дефиниции.

Мажи, време е да кажиме доста. Ова е и наша борба! Ова е борба за слободата и правото на сопственост над своето тело на жените и мажите. Законот за абортус не е само женски проблем. Дефинициите за ејакулација не се само женски проблем. Сменетите правила за контрацепија, не се само женски проблем. Сите овие работи се и машки проблеми.  Не погодуваат и нас, на овој или на оној начин.

Што е следно, ќе забраните кондоми или ќе вработите некого за да ги дупи со игла?

П.С. овој повик кон мажите за борба за женските права, не е дека жените се слаби да се изборат сами. Ова е зато што законот не опфаќа сите, и мажи и жени, директно или индиректно. Верувам дека не постои маж што би останал рамнодушен кон ваквите фашистички закони ако неговата сакана е директно погодена од ваков закон.

Advertisements

Дефиниција за слобода.

0

На прв поглед, сите диктатури се исти: недостиг на економска и медиумска слобода, немање основни човекови права, немање можност за менување на работите во општеството, страв од полицијата и владата и слично. Изгледаат слично но диктатурите во еден дел се различни: Начинот на кој диктаторот се оддржува на власт.

Луѓето сакаат да бидат слободни или поточно кажано, луѓето сакаат да мислат дека се слободни. Разликата меѓу успешен и неуспешен диктатор е во тоа колку луѓето сметаат дека се слободни.Ако луѓето мислат дека не се слободни, тогаш, порано или подоцна,  ќе се изборат за слобода.

Ако луѓето мислат дека се слободни во диктатура, тогаш нема сила на земјата што ќе ги натера да застанат против власта. До ваква ситуација се доаѓа преку менување на дефиницијата за слобода, опшествено одговорни граѓани и власт во самиот образовен систем.

Многу често, читам и слушам разговори за тоа зошто луѓето во македонија не се грижат за слободата. Луѓето се прашуваат како можи цела држава да остани глува и нема за работите во општеството и за губењето на слободата. Ова е погрешно. Луѓето во Македонија се слободни, според нивната дефиниција. Ако за некој граѓанин од некоја западноевропска земја, да се биде слободен значи да може да прави што сака со сопствените пари, ставови и своето тело, за просечниот Македонец значи да има влада која ке се грижи за сите негови проблеми, како економија, човекови права, безбедност, здравје и слично.

Просечниот македонец добро ги знае двете дефиниции за слобода, неговата и таа од некој граѓанин на запад, но ја прифаќа својата. Зошто? Зашто така го научило образованието.

Ова е илустрација за власт од учебник за граѓанско општество во осмо одделение. Власта е силна а луѓето се сиви, мали, слаби и неколку нивоа под неа. Оваа слика, во очите на 15 годишник, значи  единствена вистина за тоа кому каде му е местото во општеството и како треба да се однесува. Ученикот, знаејќи дека нема моќ да промени некои работи во своето училиште сфаќа дека е беспомошен и се идентификува со сивите фигури на сликата. Ова му се случува во години кои се многу важни за неговата изградба како личност.

B0Uvhq5IAAAOBYU

Ако некој ученик  е приморан да учи ваква дефиниција за власт, слобода и лојални граѓани, тогаш повеќе од јасно е како тој ќе гледа на работите во општеството. Повеќе од јасно е дека ако некој го научите дека е сосема океј да се откажи од своите слободи, тогаш не е чуден молкот за окупацијата од страна на власта на џебовите, телото и насилното влегување во спалните на граѓаните.

Успешна диктатура е таа во која граѓаните мислат дека се слободни. Диктатурата станува неуспешна тогаш кога ќе се скрши тоа меурче окулу луѓето и ќе видат дека нивната дефиниција за слобода е погрешна а тоа е многу тешко да се постигни ако знаеме дека, уште од мали, децата се научени дека мораат да го почитуваат авторитетот и да му бидат покорни.