СПУКМ, лажната искра за студентско организирање.

0

Да се биде студент, некогаш значело гордост зашто си бил дел од прогресивната младина. Денес, да се биде студент значи да се биде дел од дното во општеството. При секое застанување на шалтерот на студентска служба прво се прашува колку уплатници и колку да платам а после и се вели добар ден на тетката што работи таму. Уплатници како таа за ИКСА, 750 денари по студент. УКИМ има грубо изброено нешто помалку од 50 000 студенти. Пробајте да пресметате колку пари годишно универзитетот собира од студентите само од оваа уплата. Сега пресметајте дека 20% од тие пари се слеваат во касата на Студентскиот Парламент. Прилично сериозна цифра на пари се слева во нивната каса. Кој е резултатот од тоа? Никој не знае, зашто СПУКМ крие каде ги троши нашите пари како што змија ги крие нозете. Ниту еднаш СПУКМ не организирале некаква претстава во театар од тие пари, не обезбедиле гледање на филм во кино со тие пари. Не обезбедиле ниту посета во Музеј за тие пари. Очигледно е дека од овие пари, бенефит имаат само членовите на СПУКМ кои на наша сметка си го шетаат задникот по Европа додека ние, студентите, се влечкаме, од шалтерот на студентска служба до некој шалтер во некоја банка, уплатувајќи сметки.

Можеби незаинтересираноста на СПУКМ за реални промени е тоа што студентите не веруваат во таа организација. Како да веруваат кога СПУКМ досега беше водена од господин што кажа дека не било здраво студентите да јадат после 20 часот? Откако му заврши мандатот на тој господин, се чекаше година дена за да се распишат избори. Избори кои беа распишани врз непостоечки членови од статутот што тој господин го испрати до медиумите, неколку дена пред изборите. Помина и тоа, се изгласа нов претседател. Конечно помислив работите ке тргнат на подобро но погрешив. Никој пред изборите не ја виде програмата на тој кандидат но сепак,тој беше избран од 4500 студенти. Нешто помалку од 10% од студентите на УКИМ. Изборите беа преполни со нерегуларности како што се немањето на избирачки список, неинформираноста на избирачките комисии за тоа кој има право на глас, немањето приватност во текот на гласањето и слично. Важна работа која мора да се спомене за сегашниот претседател, Кирил Спировски, е тоа што на неколку дена пред изборите, во медиумите проциркулира негова слика како држи флаер од владеачката партија. Исто така, фејсбук страницата на комисијата за образование на ВМРО ДПМНЕ, повика студентите да гласаат за нивниот брат и достоен кандидат за студентски лидер.

Како што тргнало, така и продолжи. Целото негово владеење, до овој момент кога речиси изминува неговата прва година од мандатот, помина во лажни и неисполнети ветувања и мешање во работи кои не се дел од функцијата студентски лидер. За време на донесувањето на Буџетот на Република Македонија и сите тие настани кои претходеа на 24 декември, Претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски, можеше да биде забележан како гостува на трибини каде бара буџетот да се донесе за да не доцнеле стипендиите. Буџетот се донесе а стипендиите сеуште доцнат. Сеуште исплатата на стипендиите се врши на 4,5 или повеќе месеци. Од тогаш до сега, барем јас, не го слушнав претседателот да го опомени Министерството за Образование и Наука за доцнењето.

Дојдоја и локални избори во Македонија. Мене лично, како и на многу други студенти, ни боде во очи статусот на фејсбук на Спировски каде напиша дека “Кичево и Струга се сакаат со дела”. Можеби случајно или не, сакањето со дела беше слоганот на владеачката партија на тие избори.

Пожарот во студентскиот дом Гоце Делчев малку ги размрда работите. Се активираше СПУКМ и во соработка со другите студенти им се помогна на тие што беа оштетени во пожарот. Од мое име, иако не бев на било каков начин оштетен од пожарот, им благодарам. Сепак, можеби позади искрените заложби за помош, постоеше искра за нови лажни ветувања. Така, претседателот Спировски најави реновирање на домот во летниот период и дека новата академска година ке ја започнат во нови соби и со подобрени услови. Новата академска година започна а ниту еден сантиметар квадратен не се реновираше во Гоце Делчев. Тогаш беше најавено и реновирање на бараките во Медицинар. Исто како во Гоце Делчев, и таму не е со прст мрднато до овој момент. Кирил Спировски, на неговиот личен профил на фејсбук, кога го најави реновирањето напиша и дека ако не се реновирале домовите, тоа ке го сметал за свој личен неуспех.

Можеби како несупех треба да го смета ветувањето дека студентите кои живеат во студентските домови ке добијат и бесплатен интернет во соработка со Вип Македонија. Од бесплатен интернет, студентите добија само ветување.
Во еден статус на фејсбук, објавен на личниот профил на Спировски како и на страницата на Студентски парламент, беше напишано , цитирам “ Студентите заслужуваат повеќе ( повеќе од бесплатен превоз, студентска картичка и целосно реновирање на домовите, кои беа претходно спомнати во статусот) но дојде време кога мора да се одлучиме, или голем број на ветувања и никаква реализација, или борба за неколку, па со нивно остарување, нови. “ . Според нивната досегашна работа, мислам дека СПУКМ се одлучија за првиот дел од одговорот.

Пак ке запрашам, каква е таа организација чиј претседател може да се види како се шета по Европа и ја напаѓа опозицијата, чиј студентски правобранител се шета на семинари по Европа како дел од Унијата на Млади Сили на ВМРО ДПМНЕ? Како после сите овие работи да помислам дека СПУКМ е студентска а не партиска организација? Како јас и другите студенти да и веруваме на оваа организација кога не исполни ниту едно ветување што го даде? Воопшто не сакам ни да го спомнам нивниот финансиски извештај за оваа година, зашто многу студенти ке заплачат кога ке видат како некои се шетаат по Европа и уживаат, додека тие јадат леб и ајвар и сонуваат за барем малку почит дека се студенти. Каква е таа студентска организација што не се избори барем за студентски попусти во театрите, кината и музеите за студентите што е реална пракса во светот? Каква е таа студентска организација што заборави на своите студенти и реши да се бори за студентите во Сирија? Не ме сфаќајте погрешно, јас сакам и тамошните студентите да учат како што јас учам тука, но сепак, нашиот двор не е исчистен доволно за да можеме да чистиме туѓ.

Од оваа студентска власт, добивме само една реновирана читална во Студентскиот дом Гоце Делчев и многу забави во скопските Дискотеки. Со кои пари да одат студентите да се забавуваат?

Имам уште толку многу да изнапишам за Студентски парламент и Кирил Спировски но сепак, не сакам да си трошам виртуелен простор за глупости како тоа дека наталитетот ке се зголеми ако студентите се возат во автобуси. Или треба да напишам? Подобро не.. Премногу е мачно за мене.