Чекајќи го Годо!

0

На селски пат, покрај едно дрво, Естрагон и Владимир, седат и го чекаат Годо. Чекаат да пристигни Годо. Не знаат кога треба да пристигни, ниту дали тоа е вистинското место каде треба да го чекаат. Не знаат ни дали воопшто треба да пристигни, ама продолжуваат да чекаат. Не знаат колку време чекаат. Разговараат за различни теми и скокаат од една на друга тема. Разговараат само колку да си го скратат времето во чекање. Помислуваат и да се откажат и да се обесаат ама немаат јаже. Од време на време, ке се појават Поцо и Лаки. Господарот и робот. Се појавува и момчето на крајот од денот, како светло на крајот од тунелот, за да им кажи дека Годо ќе дојди, ама утре. И пак продолжуваат да чекаат да дојди Годо.

Вака некако е драмата “Чекајќи го Годо” на Семјуел Бекет. Вака некако е и приказната на Македонија во овие 22 години. Не верувам дека Бекет пишувал за македонците, но совршено го опишал нивниот менталитет. И ние, како Владимир и Естрагон, чекаме да дојди нашиот Годо. Чекаме да дојди подобро време. Чекаме, но тоа не доаѓа. Како и кај нив, и кај нас доаѓа момчето, преправено во улогата на политичар, со неговото ветување дека подобро време доаѓа ама утре. Ке му поверуваме и ке продолжиме да чекаме. Ке продолжиме да чекаме а времето ке си го трошиме со бесмислени разговори како таа дека Карло Бос, познат порно глумец се приклучил на десничарска, демохристијанска партија. Ке продолжиме да муабетиме како либералите немаат ниту Л од либерализам а конзервативците само глумат такви. Ке седиме мирни додека сегашните татковци на нацијата, во име на здравата нација, ке не прават нивни робови прогласувајќи ги писателите за турбофолк, но полека и неусетно зашто не сакаат да ни го прекинат чекањето на нашиот Годо. А тој уште не доаѓа. Не доаѓа а ние не правиме ништо за да го побараме. Продолжуваме да седиме пред телевизор и да слушаме секој ден како подобро време доаѓа и е баш тука, зад аголот на уличката и кај и да е, ке дојди само треба да почекаме уште малку. Продолжуваме да гледаме како Господарот Пастир со неговите камшици удира врз се што не е во рамките на неговата замислена здрава нација. Продолжуваме со молкот додека стануваме се посиромашни во духот но и во паричникот. Продолжуваме немо да гледаме како се уништува образованието и иднината на младите и како тие одат да го бараат Годо, таму надвор од државата. Кој знае и таму дали ке го најдат. Светот во кој живееме ни станува се помал и помал а ние сме свесни за тоа но не превземаме ништо зашто чекаме подобро време кое ке пристигни само со замавнување на волшебно стапче.

Пак ке се појави некое Момче што ке ни вети чуда што ке се случат утре.

Наивни и така воспитани, пак ке го послушаме зашто Годо само шо не пристигнал. Повторно ке се случуваат истите бесмислени муабети и прослави. Ке се давиме во шабанарија на фестивали како Пиво Фест и ке продолжиме да се мразиме меѓу себе зашто сме заедно заглавени во гомна до гуша. Пропагандата ке продолжи да си работи. Ке продолжи некој да ни кажува дека подобро време доаѓа и дека не треба да не интересира тоа што сме станале слепо црево на балканот, дека Европа почнува да заборава на нас зашто нашиот проклет национализам станал поголем од желбата за економско и интелектуално закрепнување на нацијата. Почнуваат сите да забораваат на нас. Сите тие најавени инвеститори од прескапите роуд шоуа по белиот свет, одеднаш како да заборавија каде на мапата се наоѓаше Македонија. Не не интересираат странците а богами ни домашните инвеститори. Побитнен е ловот на вештерки и прогласувањето на турбофолкот за забранет, секако во име на враќањето на стариот сјај на Скопје. Која иронија. Луѓето што сакаат да го вратат стариот сјај на Скопје, градот го направија главен град на кичот и денес, на 50 годишнината од катастрофалниот земјотрес заборавија да се поклонат на предземјотресно Скопје и жртвите од земјотресот. Целата граѓанска слобода стана турбофолк што во секој момент ке биди целосно забранета и заборавена во прашината на времето. Ке продолжиме да живееме со надеж дека Годо ќе дојди, сам, без ние да мрдниме со прст.

Во сета таа гужва на лов на вештерки и барање виновник таму каде што го нема, медиуми ке се затвораат а новинарите ке штрајкуваат со глад по македонските затвори, во име на слободата на говор, која според стандардите на Господарот Пастир е турбо фолк и не е дел од замислената здрава ариевска, пардон гоцева раса. Ке се појават и лажни пророци, маскирани како бизнисмени што ке тврдат дека Годо доаѓа.

Момчето пак се појавува: Подобро време ке дојди утре, а можеби ни тогаш. Продолжете вие да чекате, Годо само што не пристигнал.

Maktel.mk 29.07.2013