Изгубени генерации

0

Колективното општествено лудило е најголем непријател на интелегенцијата.

Стремежот за себе-подобрување на младите е голем уште на најрана возраст. Родителите и професорите, оние кое треба да бидат наши ментори и да не научат како да успееме во живот за жал, барем повеќето од нив, се жртви на изгубените генерации. Генерации родени на крајот на Југославија, израстени во времиња на војни, разделби, и барут. Генерации кои не беа сеуште не можеа да размислуваат зрело ја осетија војната на своја кожа. Вистински изгубени генерации.

Ние, 20 години потоа, не сме нешто поарни. И ние сме дел од новата изгубена генерација. Нашиот проблем не е војната иако национализмот и шовинизмот се чувствуваат во воздухот. Нашиот проблем е медиумската пропаганда и труењето на народот со содржини кои се навреда за интелектот на народот. Најчесто, ако не и секогаш, најманипулативните програми се и најевтините. Така е и во нашиот случај.

Македонскиот телевизиски простор е преплавен, буквално, од ѓубрето наречено Турски серии. Немам никаков проблем со тоа дека сериите доаѓаат од турција. истото би го зборувал и да доаѓаат и од САД,Германија или било каде во светот.

Ако една лага се повторува 100 пати, тогаш таа станува вистина. Стратегија користена од уредниците на македонските телевизии што се однесува до програмата која ја пуштаат во етер. Доколку се анализира еден 24 часовен термин на 2 најголеми македонски национални телевизии, може лесно да се забележи дека изболуваат со програма произведена во Турција или пак во Индија. Внимателно одбраниот термин на уредниците уште повеќе ја зголемува штетата и опсегот на населението врз кое директно влијае таа пропаганда.

Стануваш попаметен само кога играш со паметен противник. Овде, во овој случај со турските серии е обратно. Приказните кои се пренесуваат на јавноста се прости и глупави до таа мера што не ти треба воопшто да размислуваш, да претпоставуваш за тоа како ке се одвива приказната понатаму. За ликовите и нивната глума воопшто не треба да се разговара зашто е очајна што допринесува до зголемување на ефектот на оглупување на оние што ја следат таа програма.

недостатокот, барем на македонските телвизии, од квалитетна програма е она што ги принудува, прво постарите а потоа и помладите да ги лседаат овие серии.

Во такво општество каде очајно лошите турски и индиски серии зафаќаат по повеќе од 5-6 часа во денот и е речиси невозможно да се одбегнат доаѓаме до она што јас го нарекувам колективна глупавост, каде ликовите и настаните од тие серии се главни теми секаде, дури и во школо, на кафе, во автобус.Буквално секаде окулу нас. Народот како да ги заборава сите други важни работи окулу него и само ја чека следната епизода од најгледаната, најпопуларната, најдобрата ( чудо: сите турски серии досега ги имаја овие епитети) серија во Турција и на балканот.

Она што навистина е страшно е тоа што младите не се имуни на ова. Денес младината во Македонија заборава кои се Толстој, Достоевски, Хемингвеј. Заборава на Тесла, Максвел,Ајнштај. Забораваат на одличната музика на Марли, хендрикс, Ролинг Стоунс,Битлси.

Едноставно забораваат да размислуваат. Го забораваат она најважното за кое се создадени: да живеат, да креираат, да размислуваат критички на нештата. Забораваат да го користат мозокот и не ја сфаќаат неговата моќ.

Затоа сега се јавуваат и на површина излегуваат сите проблеми на општеството, национализмот и омразата.

Држава со младина со заробени и затворени умови нема потреба да се грижи за својата иднина, зашто ја нема.

Зеница.мк 05.03.2013

Advertisements

Мислите дека сте слободни?

0

Македонија е слободна земја. Можеш слободно да си избереш професија, да се движиш каде што сакаш, слободата на говор е загарантирана а цензурата е забранета. Барем така велат. Доколку ги прашате, повеќето граѓани би ви одговориле дека се чувствуваат слободно.Но, дали е навистина така и што го прави граѓанинот слободен во едно општество?

Да почнеме од законот за одговорност од навреда и клевета. Законот во својата форма директно го крши членот 16 од Уставот на Република Македонија и ја легализира цензурата. Накратко што се содржи во овој закон: Доколку јас во овој текст напишам дека Кристијано Роналдо е тапа а Меси е најјак, тогаш некој фан на Роналдо или пак самиот Роналдо може да се почувствува навреден од напишаното може да ме тужи повикувајќи се на овој закон. Членот 16 во Уставот кој вели дека цензурата е забранета е прекршен и поради заканата од високите парични казни кај колумнистите и новинарите се појавува авто-цензурата.

Закон за забрана на продажба на алкохол после 19 часот. Државата уште еднаш покажува дека е лош сопственик. Со тоа што забранува продажба на одреден производ автоматски лошо влијае на економијата. Од друга страна државата се меша во личниот избор и слобода на граѓанинот и се става пред сопствениците на маркетите одлучувајќи во нивно име што и кога ке се продава. Државата свесно ја крши слободата на избор на граѓанинот што ке прави со себе, своето тело, своите заработени пари и на што ке ги потроши.

Закон за забрана на пушење во угостителски објекти. Повторно државата се поставува над приватната сопственост и во име на здравјето го забранува пушењето во локалите наместо да даде слобода на сопствениците да одлучат што и како ке биде уредено во нивниот објект. Повторно државата ја крши слободата на граѓаните и нивното право на избор дали ке се “трујат” со цигари и на што ке трошат нивните пари. Уште еден глупав и тотално непотребен закон, ако ме прашувате мене.

Скопје 2014. Огромен мегаломански проект и трошење на парите на граѓаните на камен и бронза во име на историјата и патриотизмот. Најлошо од се е тоа што за да се изгради овој проект, владата, без да ги праша, ги задолжи граѓаните со неколку милијарди евра. Од кога трошењето на ТУЃИ пари е патриотизам?

Во ноќта кога владеачката партија ја славеше победата на плоштад, член на обезбедувањето на Премиерот крвнички уби момче. Министерството за Внтарешни Работи без срам и перде, проба да го сокрие случајот. Прво, не знаеја дека се случило убиство, после тврдеја дека момчето починало од природна смрт за на крај да потврдат дека се работи за убиство од страна на поранешен член на тигрите и сегашен член на обезбедувањето на премиерот. После неколку неделни протести на младите низ повеќе градови во Македонија, убиецот беше осуден. Правдата беше делумно задоволена зашто соучесниците на убиецот, министерката Јанкуловска и портпаролот Котевски, кои СВЕСНО пробаја да го заташкаат случајот не поднесоја оставка и до ден денес се на истите позиции.

Законот за медиуми. Најновиот обид на владата за замолчување на критичките медиуми кои можат да се избројат на прсти после затворањето на Граѓански, Време, шпиц, телевизиите А1 и А2 како и “паузата” на неделникот и дневниот весник Фокус. Законот кој има основна цел да ја “прецизира слободата на изразување”, како што и самиот министер Ивановски кажа, доби огромна поддршка од новинарите во провладините медиуми. Ништо чудно и ништо неочекувано. Интересно е да се спомни тоа што законот беше напишан и скоцкан без да се консултираат медиумите, новинарите или било кое новинарско здружение, без организирање јавни дискусии и дебати, без воопшто да се појави нешто во јавноста што ке доведе до подобар и попродуктивен закон, ако воопшто таков закон е потребен.

Слободата на говор во Македонија се повеќе и повеќе згаснува. После затворањето на телевизии и весници, “несреќната” смрт на Никола Младенов, тепањето и насилното отстранување на новинарите од собранието на 24 декември и а сега и со новиот закон за медиуми кој верувам дека ке се донесе без проблем зашто им се може и имаат контрола над се што делумно е и вина на слаба опозиција, слободата на изразување е на добар пат да ја снема. Ке се живее во едноумие и единствени информатори ке бидат миленичињата на власта, Сител,Вечер, МТВ и Канал 5. Нешто како Министерството за Вистина во книгата 1984 на Џорџ Орвел.

Платените и кутри гласачи од Пустец кои ја окупираја општина Центар во сите изборни кругови се само уште еден доказ дека власта не сака конкуренција и дека граѓанската слобода и демократијата се загрозен вид во Македонија.

За крај да резимираме: Живееме во општество каде владата се става над приватната сопственост и одлучува што ке се продава и до кога, директно кришеќи ги вашите основни човекови права, ја легализира цензурата и го промовира едноумието, прикрива убиства и штити убијци, ве задолжува без ваша дозвола, гази на Уставот, ја крши демократијата и употребува сила врз новинари. Живееме во општество каде е забрането ТИ да одлучиш што ке правиш со своето тело, каде владата промовира омраза против различните етнички групи со глорифицирање на воени херои и хериозам кон нацијата и омраза против различните сексуални групи и политички неистомисленици.
Живееме во општество каде постојат муабети што не се за преку телефон зашто Големиот Брат слуша.
Живееме во општество каде единствена слобода на граѓанинот е онаа што државата ке му ја дозволи а тоа не е слобода.

Живееме во општество каде е ЗАБРАНЕТО да мислиш поинаку од владата.

Добредојдовте во 1984.

WAR IS PEACE
FREEDOM IS SLAVERY
IGNORANCE IS STRENGTH

Сеуште мислите дека сте слободни?

Мактел.мк 23.04.2013

Каде е дното?

0

Вчера се запали студентски дом. Изгореа неколку соби од студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Денес Јохан се врати во Македонија. Сред бел ден, во име на хероизмот на Јохан во 2001 во вид на огномет изгореа парите за реновирање на студентскиот дом.

Никогаш не сум се чудел на сите националистички изјави, полни со омраза и гнев кон ‘другите’. Напротив секогаш велев дека ке биде се полошо и полошо. Дека секој ден ке живееме во се поголем и поголем страв дека некој од “другата” страна ке дојде и ке ни го земе нашето.

Никогаш не сум се чудел на високиот процент на млад, образован и интелегентен кадар што си заминува од Македонија. Секогаш велев дека ке биде се полошо и полошо. Само до каде ке оди? Кое е тоа дно што треба да го достигниме за да сфатиме дека е доста, дека не смееме да дозволиме друг да биде газда на нашите пари и нашите животи? Иако сум оптимистмж, во животот се повеќе и повеќе сфаќам дека ке биде се полошо и полошо и дека секогаш кога ке допреме дното ке пробаме да копаме уште надолу, кон нови неуспеси и разочарувања.

Колку и да се трудам да останам позитивен, ме убива помислата дека сме срање држава. Срање држава сме дека инвестираме во национализам и омраза а не во квалитетно образование. Ги уништивме факултетите, ги корумпиравме професорите, ја пасивизиравме младината ама затоа пак денес достојно пречекавме еден херој.
Огромната спектакуларна прослава на плоштад направи кај народот да се заборави курвинското поставување споменици на неколку часа одкако се дозна новиот градоначалник во Центар. Се направи да се заборави на кредитите кои се трупаат еден врз друг, се заборави или пак скоро незабележително помина и извештајот на истражниот судија за смртта на Никола Младенов, единствената светла точка на Македонското новинарство.

Заборавивме на се но се потсетивме како е да си Македонец, како тоа да е нешто за што треба да се гордееме. Напротив, колку и да ме пцуете за ова што ке го напишам во продолжение и да ме колнете, да се биде Македонец не е гордост. Не е гордост да си млад човек во Македонија каде не смееш да зборуваш јавно зашто веднаш ке те осудат и тоа без докази. Жално е да си македонец каде владата си игра курташак со народот а посебно со младите. А каде се тие? Каде е младоста во нив? Каде е бунтовноста кон општеството?
Најверојатно лежи некаде скриена, во некоја фиока во некој штаб на некоја партија.

Партизираноста не убива. Не прави апатични и не ни дозволува да живееме слободно, да мислиме слободно, туку не учи да ги мразиме оние што не размислуваат како нас.

Омразата и национализмот кој е толку длабоко вкоренет во нашето општество може само да се уништи со образование ама по се изгледа дека на оваа држава не и требаат образовани личности. Не и требаат личности кои ке размислуваат. Спорд тоа како помина во повлијателните медиуми веста дека се запалил студентски дом, сфаќам дека ние студентите сме оставени сами на себе. Сами да се бориме против партиските книшки и корупцијата.

А како да се бори човек кога цело време е притиснат, од една страна од партиски полтрончиња што ке направат се за да се најдат на некоја “листа”, а од друга ,стравот од етикета која може да ја уништи и онаа малку светла иднина што може да ја имаме.

Како да се бори еден млад човек, полн со енергија, младост и бунтовност со општеството кое ги изгладнува и полни со страв своите граѓани?

По се изгледа дека навистина аеродромите во Скопје и Охрид се вистинскиот излез од оваа болно општество.

На еден од тие излези ке завршам и јас, како и многу други пред мене и после мене.

За жалење сме што дозволивме да живееме во вакво општество.

Мактел.мк 12.04.2013